Откако успешно ќе се регистрирате и ќе ви биде потврдена вашата конекција, внесете ги вашето корисничко име и лозинка. Притиснете на „Потврди“ и за момент пред вас ќе биде на располагање најсовремената електронска база на македонски важечки прописи.

КАКО ДА ПРЕБАРУВАТЕ НИЗ БАЗАТА НА ПРОПИСИ

Во главниот пребарувач одберете една од категориите прописи или одлуки (Устав, Закони, Подзаконски акти, Одлуки на Уставен суд и Одлуки на редовните судови) и внесете ги параметрите кои ги знаете.

  • Категоријата „Устав“ го содржи текстот на Уставот и неговите амандмани, кои ќе се отворат пред вас со едноставно притискање на саканиот документ.
  • Во категоријата „Закони“ пребарувањето се врши по „консолидиран текст“. Доколку бараниот закон нема измени, ниту друг закон и/или одлука на Уставниот суд влијаела на неговата правна важност, побарајте го посакуваниот закон во „основен текст“.
  • Во полето „Назив“, можете да го напишете целосниот назив на прописот, но доволно е и да напишете само еден збор или дел од збор од називот на прописот за да ги добиете бараните резултати.
  • Со внесување на точниот број на изданието на „Службен весник“, можете да ги пребарате соодветните прописи од дадената категорија кои се објавени во бараниот број на „Службен весник“.
  • Со внесување на одредена година во полето „Година” добивате резултати на прописи кои се објавени во таа година.
  • За пребарување на неважечките закони, кликнете го полето „Неважечки“ закон во оваа категорија и во зависност од податоците со кои располагате, внесете назив, број на Службен весник или година на донесување како дополнителен критериум за пребарување.
  • Подзаконските акти и одлуките на Уставниот суд можете да ги пребарувате со истите функции како погоре, или со внесување на називот или дел од називот на законот во врска со подзаконските акти, односно законот или подзаконскиот пропис што го изменува одлуката на Уставниот суд.
  • За категоријата „Подзаконски акти“, дополнително ви е овозможено пребарување по „Тип на подзаконски акт“ (на пример: правилник, упатство, уредба итн.).
  • За категоријата „Одлуки на Уставен суд“, предвидена е можноста за пребарување со внесување на единствениот „У. бр.“ за секоја одлука.
  • Во полињата „Година на објавување“, внесената бројка ќе ги повика и ќе ги прикаже пред вас соодветните прописи објавени во таа година.
  • Одлуките на редовните судови можат да се пребаруваат врз основа на повеќе параметри: законот врз основа на кој се донесени, бројот на судската одлука, годината на донесување, називот на судот (основен, апелационен, Врховен или еден од двата управни суда), видот на судската одлука (пресуда, решение, заклучок, став, мислење), како и видот на судската постапка (парнична, вонпарнична, кривична, прекршочна, итн.) во рамки на што ви се нуди и дополнителна можност за пребарување по одделните области (на пример, работни, облигациони односи или стопански спорови во рамки на парничната постапка). За попрецизно пребарување, можете да комбинирате неколку или да ги искористите сите параметри. При пребарувањето на одлуките на редовните судови по број на судската одлука, очекуваните резултати ќе ги добиете доколку при внесот на бројот на одлуката оставите празен простор меѓу одделните делови од називот (на пример, ГЖ. бр. 82/13, а не ГЖбр.82/13 или ГЖ бр.82/13) или доколку го знаете точниот назив на одлуката (на пример, ПРК-С-978/11, а не ПРК С 978/11). Доколку не сте потполно сигурни во називот на одлуката, доволно е да го внесете само нејзиниот број (на пример, 926/2012).

Со притискање на трите класификации: „AКАДЕМИКА“, „Правосуден“ и „EU“, кои се наоѓаат над главниот пребарувач, пред вас се отвораат области во кои припаѓа законот кој ви е потребен. Со позиционирање на курсорот над определен број, се покажува називот на соодветната област на „АКАДЕМИКА“, „Правосуден“ и „ЕУ“. Притиснете го и пред вас ќе се прикажат сите консолидирани текстови на закони, како и основните текстови на закони, доколку бараниот закон нема измени, односно друг закон или одлука на Уставниот суд не влијаела на неговата правна важност.

Класификациите „Академика“, „ЕУ“ и „Правосуден“ се наменети за истражување по области во правото, во зависност од потребите на корисникот кому му недостасуваат доволно влезни параметри за користење на главниот пребарувач или е фокусиран на определена област во правото каде му се потребни мноштво од споредбени информации. На пример, „ЕУ“ класификацијата дава детален преглед на припадноста на македонските закони во соодветното правно подрачје од официјалната класификација на прописи што се користи во Европската унија, додека класификацијата „Правосуден“ е одлична алатка за сите дипломирани правници кои го подготвуваат правосудниот испит. Истата дава најдобар преглед на македонските прописи подредени по области определени со Програма за полагање на правосуден испит. Класификацијата „Академика“ е најлесниот начин на пребарување на македонското законодавство според правни области, посебно дизајнирана од искусен тим на експерти на АКАДЕМИК кои своето долгогодишно искуство на правни истражувања го прилагодиле кон вашите потреби.

Под главниот пребарувач се наоѓа пребарувачот „пребарување низ целиот текст“ во кој со внесување на еден или повеќе зборови ќе ви се прикажат прописите и одлуките на Уставниот суд и редовните судови кои во самиот текст го содржат пребаруваниот збор. При прикажувањето на називите на прописите и одлуките кои се пронајдени како резултат на вашето пребарување, под нив се прикажуваат првите 3 резултати каде се среќава текстот кој го барате, дадени во контекст на реченица со цел подобро и побрзо да видите дали се тоа саканите резултати. Прикажаните прописи и одлуки се подредени според фреквентноста на среќавање на зборот што сте го напишале во нив.

За оние кои знаат повеќе детални информации околу прописот кој го пребаруваат, најмногу ќе им користи алатката „напредно пребарување“. Притиснете го и пред вас ќе се прикаже алатка во која може да комбинирате повеќе параметри за пребарување. На располагање ви се: текст за пребарување внатре во самиот пропис, тип на актот кој го избирате во паѓачкото мени, назив или дел од називот на актот, У. бр. за одлуките на Уставниот суд, број на „Службен весник“ во кој е објавен актот, годината во која е објавен актот. Последната опција ви овозможува да ги повикате актите објавени во временскиот опсег кој вам ви одговара.

Флексибилните можности за комбинирање на параметрите по кои сакате да пребарувате ви овозможуваат брзо и едноставно да дојдете до посакуваните акти.

При секој од погоре објаснетите начини на пребарување, резултатите се прикажуваат во центарот на страницата. Со притискање на називот на прописот, тој се отвора пред вас.

ОТКОГА ЌЕ ГО ОТВОРИТЕ ПРОПИСОТ...

Кога посакуваниот пропис ќе се отвори пред вас, уредно подготвениот текст ви стои на располагање. Во горниот десен агол се наоѓаат информациите кои поблиску го објаснуваат прописот: тип на прописот, број на „Службен весник“ во кој истиот е објавен, датумот на објавување, областите на класификациите во кои тој се наоѓа, албанското и британското знаме кое ќе ве одведе до албанскиот или англискиот текст на законот, доколку истиот е преведен до моментот на вашето пребарување.

  • Законите нудат можност веднаш да ги видите подзаконските и поединечните акти донесени во врска со односниот закон и да ги отворите со едноставно притискање. Истите се хронолошки подредени за поголема прегледност.
  • Дополнителна вредност при прикажување на законите и подзаконските акти е и функцијата „Хронологија“ во која хронолошки се подредени основниот текст на законот, сите негови измени и/или дополнувања, исправките, како и одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, кои имаат правно дејство врз односниот закон, односно измените и/или дополнувањата на подзаконскиот акт и неговите исправки. Сите претходно наведени акти се отвораат со притискање врз соодветниот линк. Аналогно, кај Уставот на Република Македонија прикажани се неговите Амандмани.
  • Низ самите текстови на актите, со цел да ви го олесниме истражувањето низ правната материја, секаде каде има потреба, поединечно се внесени и фусноти кои даваат дополнителни корисни информации за одделните норми или ги објаснуваат евентуалните нелогичности и номотехнички грешки. Кај „консолидиран текст“ од категоријата „Закони“, првата фуснота секогаш ви објаснува кои други прописи влијаат на законот.
  • На дното на „консолидиран текст“ и по потреба во „основен текст“ се среќаваат и забелешки и предупредувања, во кои поединечно и внимателно се внесени сите оние одредби од законите за изменување и/или дополнување или други закони кои имаат правно дејство врз законот кој го гледате, но од номотехнички причини не можат да бидат интегрирани во самите одредби на законот. Забелешките и предупредувањата се ставени во својата изворна форма, онака како што гласат во прописите од каде што произлегуваат, а нивниот назив е секогаш вметнат непосредно пред цитираната одредба. Ретките исклучоци од ова правило, секогаш се пропратени со фуснота, која темелно го објаснува правното прашање и ви помага во снаоѓањето со нејасните законски одредби.
    Во полето „предупредување“ (знак во форма на извичник) се внесени сите оние одредби на законите кои го регулираат прашањето на стапување во сила на законот односно започнување со примена на истиот закон, а кои излегуваат од правилото за редовен „vacatio legis“ односно рок од 8 дена од денот на објавување на прописот.
  • Законите, исто така, нудат и можност да ја видите судската пракса поврзана со нив, преку едноставен клик на линкот „Одлуки на редовните судови“. За поефикасен преглед на судската пракса по одреден закон, во називот на секоја судска одлука се содржани нејзиниот број, името на судот којшто ја донел, правниот основ и законот врз основа на кој е донесена. Откако ќе ја отворите посакуваната одлука, заклучок, мислење или став, во горниот десен агол ќе ги видите основните информации и класификации на одлуката по тип и вид на судска постапка по одделни области, кои ќе ја олеснат вашата понатамошна анализа или истражување.
  • Конечно, во ваша функција, посебно креираниот „слободен алатник“ ве следи каде и да се наоѓате во текстот на прописот и ви стои на располагање. Со него, можете да го зголемувате и да го намалувате приказот на текстот со едноставно притискање на „А А А“ опциите, да продолжите со пребарување на други прописи без да се враќате назад кон пребарувачките алатки, низ посебно креираните пребарувачи за „Закони“, „Подзаконски акти“ и „Одлуки на Уставниот суд“, брзо да се вратите на врвот или да се спуштите на страницата како и во функција на заштеда на вашето време, да побарате еден или повеќе зборови или дел од збор да се обојат со што би биле лесно воочливи. На овој начин, при читањето големи текстови исклучително брзо ќе го пронајдете делот од прописот кој ве интересира.

Бидејќи албанскиот и англискиот дел од оваа програма го содржи Уставот на Република Македонија со сите негови амандмани, како и закони во консолидиран или основен текст, за користење на албанскиот или англискиот дел важат горенаведените инструкции за употреба аналогно применети на она што содржат овие делови од програмата.

Внимавајте на албанското и британското знаме во македонскиот дел на АКАДЕМИКА, едноставен клик на нив ќе ве однесе на истата страна во албанскиот или англискиот дел. И обратно, македонското знаме во албанскиот или англискиот дел ќе ве однесе на соодветната страна на македонскиот дел.

Се надеваме дека веќе уживате во врвните технолошки перформанси на АКАДЕМИКА создадени по идеја на искусен и стручен правен тим.

Успешна работа